Два бронзени медали за нашите ученички Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид! На четвртата Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21-ви до 27-ми јули се одржА во Велдховен, Холандија, нашите ученички постигнаа нов голем успех, а достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот беше предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво.