Златен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Владимир Грчев од Кочани, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, го освои златниот медал на Европската олимпијада по информатика за млади во Шумен, Бугарија.
Бронзен медал освои Марко Кренков од Струмица.

Членови на македонскиот тим беа уште и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, Иван Занов и Петар Ковачовски, како и студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во Шумен се наоѓаат  најдобрите млади програмери од повеќе од 20 европски држави со по четири натпреварувачи. Со овој успех Владимир се вброи меѓу најуспешните млади информатичари во Европа.

Момчето од Кочани е трикратен државен првак по информатика и има освоено сребрен и два бронзени медали на Македонските олимпијади по информатика.
Минатата година (2024) учествуваше на Европската олимпијада по информатика за јуниори во Молдавија, од каде што се врати со бронзен медал во конкуренција со 104 натпреварувачи од 28 земји.
Тој, исто така, лани освои бронзен медал на Балканската јуниорска олимпијада по информатика, во конкуренција со учесници од 14 балкански земји.
Исто така, Владимир Грчев до сега се има „закитено“ и со сребрен медал на Балканската олимпијада по математика за млади.
Во 2025 година, Владимир го освои златниот медал на 29-та Македонска јуниорска олимпијада по информатика, а потоа и златото на Македонската јуниорска математичка олимпијада.

Владимир Грчев е член на националните тимови по информатика уште од 6. одделение и зад себе има бројни национални и меѓународни награди и признанија

Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која ќе се одржи од 25-ти септември до 1-ви октомври во Удине, Италија.

(прочитајте повеќе на mia.mk)
Фото: ФБ профил

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *