Интервју за сајтот www.e-matematika.mk

Страницата ги содржи најбитните лекции по математика, описни задачи врзани за секоја лекција, а сега почнуваме да снимаме и видеолекции, како кратки презентации за одредената тема или лекција, вели авторот Панче Пецаноски 

Љубовта кон математиката и воопшто кон природните науки била причината да ја направи интернет-страницата „Е-математика“. По пет години, најчести посетители на страницата се средношколците и студентите, а во периоди на тестови тука се и родителите, кои им помагаат на децата да ги решат задачите. Со Панче Пецаноски разговараме за приказната на „Е-математика“, како почнало сè, што нуди оваа страница.

Колку долго постои страницата „Е-математика“?
– Страницата ја почнав во 2012 година, со тоа што изгледот на првичната верзија е доста поинаков од денешната „Е-математика“. Со новиот редизајн на страницата воведов нови рубрики и многу повеќе информации. Таа растеше како што се зголемуваше посетеноста. Честопати самите ученици бараа да има нешто повеќе, така што сегашната страница содржи многу корисни информации за љубителите на математиката.

Како почна приказната? Што Ве инспирира за еден ваков проект?
– Инспирација за проектот, пред сè, е љубовта кон овој предмет и воопшто кон природните науки. Пред да ја почнам страницата, држев часови по математика и имав можност директно да се запознам со проблемите со кои се соочуваат учениците и студентите. Реално, недостигаше страница каде што ќе можеш да се потсетиш на некоја лекција, формула и слично.

За кого е наменета оваа страница? 
– На страницата можете да најдете корисни информации за ученици од основно, средно и високо образование. Ваква страница е од голема корист и за учениците и за нивните родители кога им помагаат при решавањето на задачите. На страницата има и листа со професори кои даваат часови по математика од различни градови низ Македонија, така што тука може и полесно да најдете соодветен професор по математика.

Што им нуди Е-математика на читателите?
– Ги содржи најбитните лекции по математика, описни задачи врзани за секоја лекција, а сега почнуваме да снимаме и видеолекции, како кратки презентации за одредената тема или лекција. Имаме и интерактивен дел со нашите читатели, кој го промовираме преку нашата фејсбук-страница. Тоа се најчесто интересни прашања, кратки математички задачи кои ги одговараат.

Како ги избирате содржините (задачите) што се објавуваат и кој ги подготвува? 
– Лекциите главно се избрани според наставната програма за основно, средно и високо образование. За кратките математички задачи, прашања и интерактивна содржина ми помага Елена Аризанова, која дава и онлајн-часови по математика преку оваа страница.

Дали тие се врзани со образовните процеси во земјава во одреден период во годината?
– Па најчесто објавувам теми за кои сметам дека во моментот се актуелни во наставата или објавуваме решенија на задачи кои ни ги пишале преку веб-страницата или на нашата фејсбук-страница. Според статистиката, страницата е помалку посетена кога се на распуст (зимски/летен), па затоа во тој период објавувам интересни занимливи и логички задачи за да не ја заборават.

Од засегнатите категории читатели, која возрасна група најмногу Ви се обраќа/Ве посетува?
– Најчести посетители на страницата се средношколците и студентите, а во периодите кога има тестови, приемни испити и слично, доста е посетен и од повозрасната популација. Пред сè, тоа се родители кои им помагаат на децата да ги решат задачите. Главно, причината за посета на „Е-математика“ се периодите на испити/тестови, кога имаат некоја нејасна задача… Многу често бараат препорака за одреден професор, па затоа  ставивме листа со професори кои даваат часови по математика за да им помогнат. Можам да кажам дека родителите навистина сакаат да им помогнат на учениците во изучувањето на овој предмет, кој бара континуирано учење и вежбање.

Како е третирана математиката како предмет во образовниот систем во земјава? 
– Секој сериозен образовен систем во светот ја става математиката како приоритет во наставата бидејќи предметот има огромно значење во развивањето и градењето на личноста. Математиката наоѓа примена и во секојдневниот живот. Многу науки се тесно поврзани со овој предмет, така што математиката е основа за електротехника, медицина, економија, архитектура итн. Според содржината што се изучува, сметам дека во македонскиот образовен систем темелно се изучува предметот математика. Дополнително, за развојот и пред сè за разбирањето и полесното совладување, голема улога играат и страници како што е „Е-математика“.

Објавено на 28.01.2018 во категорија Образование – fakulteti.mk
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk / Лектор: Ивана Кузманоска


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *