Музиката не се поврзува со математика, таа доаѓа од срцето (ИНТЕРВЈУ)

Успехот доаѓа онаму каде што и најмногу ќе се посветиш, а Александар Јовевски, основачот на етно составот Монистра, ја одбрал музиката. Неговата дарба кон уметноста, го одделила од математиката и останатите природно-научни предмети, па затоа се согласува дека овој предмет не е омилен меѓу музичарите.

 

Каков ученик беше кога станува збор предметот математика?

-Бев просечен ученик кога станува збор за математиката. Четворка ми беше оценката во просек во годините поминати во основното училиште.  Би рекол дека повеќе од сè ми одеше предметот по музичко образование 🙂

Дали музичарите ја сакаат математиката?

-Не можам да зборува генерално, но кога станува збор за мене, морам да бидам искрен и ќе одговорам – не 🙂 Уште од мал бев предодреден за музиката и целото внимание го посветив кон музичките инструменти. Не се вложував во математиката и воопшто во останатите предмети, меѓутоа сепак бев одличен ученик.

Можеш ли да се потсетиш на некој дел од математиката, и да кажеш, да тоа ми одеше.

-Да, секако, таблицата за множење и делење.

Дали си добил единица по математика?

-Не, ама најниската оцена што сум добил била тројка.

Колку време ти требаше да се подготвиш за тест по математика?

– Не би можел да се сетам точно ама сигурно две недели… Еве сега ми текнува на 16-те тестови во Омнибус. Секогаш на тествовите паѓаше еден од нив. Имаше полесни и потешки, сè беше прашање на среќа, а мене секогаш ми паѓаше најлесниот бидејќи и општо во животот имам среќа, па би рекол дека имав среќа и на писмените по математика 🙂

Која оцена ја имаше по математика?

-Во основно имав две години оцена (4),  а две години бев одличен по математика. Во средното музичко училиште математика имавме само во првата година и таа година бев одличен 5 🙂

Дали математиката и музиката имаат макар и најмала допирна точка?

-Секако дека имаат, има пресметки на крај со хонорарите а и секако има кога ќе навлезеш во теоријата на музиката, потребна е математиката за да пресметаш некои стручни стапки. Меѓутоа пак би нагласил дека музиката сама од себе не треба да се врзува математички бидејќи таа доаѓа директно од срцето.

Му благодариме за споделеното искуство по математика од училишните денови и му посакуваме успех на престојниот концерт на етно групата Монистра, на 9 април во Македонскиот народен театар. Присутната публика ќе може во живо да се увери дека навистина музиката кај овие професионалци навистина доаѓа до срцето и допира до секој љубител на изворната музика.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *