Одржан ​првиот семинар „Математика и примени“

На 14 декември 2016 година на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, се одржa најавениот Прв семинар „Математика и примени“. Семинарот се организираше во чест на 70 годишнината од основањето на Природно-математичкиот факултет и постоењето на Институтот за математика. Работата на Семинарот беше јавна и отворена. Главна цел на Семинарот беше промовирање на математичките науки меѓу младите и математичка наобразба на јавноста, преглед на досегашните достигнувања во математичките науки и нејзините примени, насоки и можности за идни истражувања во полето на математичките науки и нејзините примени.

Координатори на Семинарот беа проф. д-р Ирена Стојковска, проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова и м-р Марко Димовски. Семинарот го отвори раководителот на Институтот за математика, проф. д-р Ѓорѓи Маркоски. Програмата предвидуваше 26 дваесетминутни предавања, од кои 13 предавања со научно-популарен карактер од областа на чистата и на применетата математика  и 13 предавања од областа на наставата по математика во основно и во средно училиште, кои беа распределени во две секции, соодветно (види Програма и Книга со апстракти). Водители на секциите беа проф. д-р Ирена Стојковска, проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова и доц. д-р Валентина Гоговска.

Предавањата ги држеа професори, асистенти и студенти од неколку факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“: Природно-математичкиот факултет, Факутетот за електроника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Технолошко-металуршки факултет, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, но и од Универзитетот за информациско-комуникациски технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и професори и наставници од средните и основните училишта од Република Македонија. Семинарот беше масовно посетен (над 230 учесници), а се доделија сертификати и за предавачите и за учесниците (види Список на учесници и Галерија).

Извор: Поим – Портал на Институт за математика www.poim-pmf.weebly.com



Спонзорирано:


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *