Интервју со проф. Горан Стојановски од ФЕИТ

СО СТУДЕНТИТЕ ЗАЕДНО ИСТРАЖУВАМЕ И ГИ НАОЃАМЕ ОДГОВОРИТЕ

        Најинспиративен професор за студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е Горан Стојановски. Студентите кои гласаа за него на нашата анкета велат дека им дава голема мотивација на своите предавања со теми кои се надвор од наставата, а сепак го објаснуваат материјалот што треба да се помине на сликовит начин, па неминовно е подоцна да пребаруваат на Интернет.

Проф. Горан Стојановски – ФЕИТ

       Професорот Стојановски, за Факултети мк. вели дека кај студентите најмногу го одушевува љубопитноста и посебно му е драго кога добива прашања кои ни тој никогаш не си ги поставил. За признанието најинспиративен професор вели:
– Признанијата од студентите се најдраги за секој професор, а тоа што ги инспирирам со моите предавања, уште повеќе ме мотивира да работам на себе. Секој ден наоѓам нови примери со кои се трудам на едноставен начин да им ги пренесам теориите и равенките, да им го спуштам светот на математиката на дланка и да им дадам алатки со кои ќе можат како деца да составуваат нови светови.

* Факултети.мк:  Што кај студентите пак, Ве инспирира Вас, за да им бидете и секако да останете посветени?

– Нешто што секогаш ќе го користам и особено ме инспирира кај студентите е нивната љубопитност. На првите часови јас ја поттикнувам, советувајќи ги секогаш да поставуваат прашања за она што го учат, но посебно ми е драго кога ќе добијам прашања кои ни јас не сум си ги поставил. Така заедно со студентите истражуваме и ги наоѓаме одговорите. Нивната желба за знаење е мотив за мене да бидам подобар во секој нов ден.

* Факултети мк:  Има ли некоја посебна причина што ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?

– На Факултетот за електротехника и информациски технологии останав сосем случајно. После завршувањето на студиите, додека размислував за моите следни чекори, добив понуда да работам и да истражувам заедно со моите професори. Со задоволство ја прифатив, иако морам да признаам дека не бев сигурен како ќе се справам со работата со студенти. И еве, после девет години, работата со студенти ми е најпријатниот дел од денот. Незаменливо е чувството кога знаеш дека активно помагаш на голема група на млади луѓе правилно да го изградат својот карактер, да ги изострат своите вештини и да го прошират својот светоглед. Се разбира, оваа професија ми нуди и можност постојано да останам во тек со новите случувања во мојата струка преку соработка со голем број на компании. Во инженерството оваа врска е исклучително важна бидејќи преку неа ги чувствуваме промените во индустријата и истите им ги пренесуваме на студентите, како тие би биле поподготвени за силен почеток во нивната кариера.

Веста е превземена од fakulteti.mk

One thought on “Интервју со проф. Горан Стојановски од ФЕИТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *